Цените на нафтата благо ослабеа пред податоците за инфлацијата во САД

Цените на нафтата благо се намалија во четвртокот на меѓународните пазари, бидејќи шпекулациите за ново зголемување на каматните стапки во Соединетите Држави (САД) избледеа по објавувањето на податоците за инфлацијата.

Цената на барелот на лондонскиот пазар ослабе во однос на претходното затворање за 23 центи на 87,32 американски долари. Во Њујорк барелот се продаваше за 37 центи пониско, по 84,03 долари.

Цените на двата пазари континуирано растат од јуни. Цената во САД во четвртокот ја достигна највисоката вредност годинава, а во Лондон највисоката цена од јануари, пренесува Хина.

Цените на нафтата пораснаа во последниве денови, поттикнати од продолжувањето на намалувањето на производството во Саудиска Арабија, а стравувањата за снабдување се поттикнати од можноста судирите меѓу Русија и Украина во регионот на Црното Море да ги загрозат залихите на руската нафта.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека во средата барел од нафтената кошничка на нејзините членки поскапе за 59 центи на 88,2 американски долари.