Попладнево околу 15 часот, повеќетонска цистерна натоварена со гориво за малку ќе завршела во реката Брегалница, откако се искачила на тротоарот од стариот Камен мост во Штип и пропаднала во дупка на конзолата која неодамна била санирана.
На местото на настанот веднаш пристигнала сообраќајната полиција. Според првичните информации, неколку предни тркала од цистерната навлегле во дупката, но конструкцијата не попуштила целосно, што спречило поголем инцидент и евентуално истекување на гориво во реката, пишува СДК.МК.
Инцидентот се случил во време на зголемена фреквенција на сообраќај и пешаци преку мостот, но за среќа, поминал без повредени. Се претпоставува дека возачот се искачил на тротоарот поради ограничениот простор за разминување со други големи возила на тесниот мост.
Надлежните најавуваат дополнителни проверки на стабилноста на мостот и безбедноста на сообраќајот во тој дел од градот.