ЦУК: Повторно пожар во населба Лисиче

Денеска после 9 часот повторно бил пријавен пожар на улицата „Тодор Чангов“ во населбата Лисиче во скопската Општина Аеродром, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Утрово после 9 часот се добиени информации на 112 во ЦУК дека во Скопско има повторно пожар на улицата ‘Тодор Чангов’, близу ресторанот ‘Д Кичен’, и дека има пријава за пожар во населба Лисиче, каде што гори сува трева и ниска вегетација. Веднаш биле известени пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје“, информираа од ЦУК.

Во Лисиче сува трева гореше и вчера, но пожарот не претставуваше опасност за околните куќи и згради. Синоќа по интервенција на скопските пожарникари огнот беше изгаснат.

Овој пожар беше еден од вкупно 34 кои ги регистрирал ЦУК и сите беа изгаснати.

Пожарите беа регистрирани на териториите на општините Куманово, Битола, Струга, Прилеп, Гостивар, Студеничани и други, а во најголем број од нив стануваше збор за горење на ниска вегетација, грмушки и стрништа.