Македонија

Цветков и Делов во „Шутка“, Спасеновски во куќен притвор, ја оштетиле државата за 1.4 милиони евра

По четиричасовен распит на поранешните министри за земјоделство како и екс заменик министерот, судот донесе одлука од 30-дневен притвор за Михаил Цветков и Кристијан Делев, додека за Ацо Спасеновски поради здравствени причини да му одреди мерка куќен притвор. За Љупчо Димовски ќе се одлучува дополнително бидејќи се повикува на пратеничкиот имунитет. Судијата до Собранието испратило барање за симнување на имунитетот и затоа Собраниската комисија најверојатно ќе се одржи в понеделник, а потоа во среда на 6 февруари, Димовски повторно треба да се јави во суд. За него исто така се бара притвор.

„Се осомничени дека  во времето  додека биле министри и заменик министер склучувале договори за давање земјоделско земјиште под закуп, закупците не го плаќале закупот а тие не преземале мерки за раскинување на договорите. Единствено овластен за потпишување договор за закуп и раскинување на договорот според законот е министерот“, изјави Вилма Рускоска – обвинителството за организиран криминал.

Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција  во соопштението што го објави наведува дека :

„Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата.  На овој начин била предизвикана штета на буџетот на Република Македонија во износ од околу 88 милиони денари, или над 1,4 милиони евра“.

Сите четворица поранешни министри и екс заменикот се од редовите на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни