Свет

Турскиот претседател Ердоган ќе ја посети Германија на 17 ноември

Турскиот претседател Ердоган ќе ја посети Германија на 17 ноември

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети Германија следниот петок, соопшти германската влада по неколкунеделни шпекулации, јави ДПА.

Ердоган ќе се сретне со канцеларот Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, соопшти денеска во Берлин заменик владиниот портпарол Кристијане Хофман.

Со недели се шпекулираше за посетата, вклучително и дали Ердоган ќе присуствува на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу Германија и Турција на 18 ноември.

Засега нема официјална потврда од турска страна, забележува ДПА.

Ова ќе биде прва посета на Ердоган на Германија од 2020 година. Во Германија живеат околу 3 милиони луѓе со турско потекло.

Разговорите меѓу двајцата лидери најверојатно ќе бидат тензични за прашањето за војната во Газа, наведува агенцијата. Ердоган е отворен критичар на Израел и го осуди тековното бомбардирање на Газа од почетокот на конфликтот со Хамас на 7 октомври.

Германските лидери, пак, велат дека Германија има посебна одговорност за судбината на Евреите и безбедноста на Израел по холокаустот во Втората светска војна.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни