ТВ21 дознава: Во понеделник ќе се гласа предлогот за амнестија, најмалку 17 лица нема да бидат помилувани

Предлог законот за амнестија за дел од учесниците во насилниот упад на 27 април 2017 година, во понеделник ќе биде ставен на дневен ред за гласање во Собранието. Како што дознава ТВ21, најмалку 17 лица нема да бидат опфатени со овој закон, меѓу кои се екс директорот на БЈБ Митко Чавков и Владимир Атанасовски поранешен шеф на УБК, кого дел од сведоците на рочиштата за „крвавиот четврток“ го посочија како организатор на упадот и случувањата на 27 во законодавниот дом. Според извори на ТВ21, откако ќе биде изгласан предлог законот во понеделник, дел од обвинетите, кои нема да бидат опфатени, во рок од пет дена ќе имаат можност и тие да побараат помилување, но тоа нема да важи за лицата за кои е утврдено дека имале командна одговорност, биле организатори на настаните, но и извршиле физички напад и нанеле повреди на пратениците.

Собраниското работно тело за помирување вчера соопшти дека има законско решение за амнестија за настаните од 27 април. Предлогот го подржаа претставниците на власта, но не и опозицијата која постојано инсистираше на општа амнестија.

Се вчитува...

Според предлог законот, лицата кои ќе бидат амнестирани, имаат можност да се откажат од истата и да побараат пред надлежен суд да ја докажуваат својата невиност.

Според обвинението, за настаните од 27 април, обвинети се 33 лица, од кои 28  за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. На обвинителна клупа седнаа Митко Чавков, како и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Обвинети се и иницијаторите на движењето За заедничка Македонија – Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Дел од нив се во притвор, дел во куќен притвор, а некои се пуштени да се бранат од слобода со определени мерки на претпазливост. Првото рочиште за 27 април се одржа во август минатата година.

Извор: ТВ21