Македонија

Училиште во Мала Речица – ветување на хартија, општина Тетово ја префрла вината кај МОН

Основното училиште во Мала Речица, кое беше ветување на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, не е изградено. Во емисијата „Клик Плус“ на 5-ти јуни минатата година, во отворена дебата со граѓаните, Арифи рече дека конкурирале со проект за изградба на училиште во Мала Речица и дека камен темелникот ќе биде поставен кон средината на летото минатата година.

Од Секторот за образование во Тетово, велат дека надлежно за поголеми капитални инвестиции е Министерството за образование и наука.

„Надлежностите за поголемите капитални инвестиции во областа на образование се во рацете на Министерството за образование и наука, односно Владата на Република Македонија. Во врска со Основното училиште во Мала Речица се произнесе и премиерот. Јас не можам да додадам ништо повеќе од она што го рече премиерот на Македонија. Се надеваме што поскоро ќе се оствари она што го рече премиерот и веруваме дека со реализирањето на овој капитален проект, Тетово конечно ќе добие ново основно училиште“, изјави Ахмед Ќазими од Секторот за образование во општина Тетово.

Инаку, од ресорното министерство велат дека стојат на располагање за директно да се вклучат во процесот, со цел и Мала Речица да добие училиште.

„Стоиме на располагање како Министерство за образование и наука. Во случаи кога ги нема потребните средства, тогаш МОН ја преземе одговорноста и директно ќе се вклучиме за и Мала Речица да добие основно училиште“, изјави Арбр Адеми, министер за образование и наука.

Адеми исто така нагласи дека општина Тетово, до Владата го доставила потребното барање и дека истото било разгледано од владина работна група. Владата ги разгледува и моделите на финансирање за повеќе инфраструктурни објекти, вклучувајќи ја и изградбата на нови училишта на национално ниво.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни