УХМР: Август просечно топол и врнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности 1991/20 година

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, месец август 2023 година се карактеризира како просечно топол и просечно врнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности 1991/20 година, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Средномесечната температура се движеше од 18,2 степени Целзиусови во Маврово до 27,1 степени Целзиусови во Гевгелија. Споредено со просечните августовски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната температура беше 0,6 степени Целзиусови надпросечна на ниво на држава.

Средната максимална температура варираше од 25,9 степени Целзиусови во Маврово до 35,3 степени Целзиусови во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 22-ри август во Гевгелија и изнесуваше 39,3 степени Целзиусови. Забележен е подолг период и тоа од 18 до 29 август со релативно високи температури. Средната минимална температура варираше од 11,8 степени Целзиусови во Берово до 19,9 степени Целзиусови во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 9 август и изнесуваше 5,7 степени Целзиусови.

– Во месец август 2023 година, месечната сума на врнежи во државата се движеше од 9mm во Битола до 67mm во Маврово. Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 29 mm беше регистрирано во Маврово на први во месецот. Споредено со августовската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше помала за 7mm, односно беше просечна на ниво на државата, се наведува во соопштението од УХМР.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното