Македонија

УХМР предупредува: Интензивно невреме со град во Скопје, Велешко, Овче Поле и Полошко

УХМР предупредува: Интензивно невреме со град во Скопје, Велешко, Овче Поле и Полошко

Силно невреме попладнево зафати повеќе делови од Македонија, а според најновите информации од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повеќе локации се регистрирани поројни дождови, грмежи, засилен ветер и појава на град.

Според радарските мерења, најинтензивните атмосферски процеси се забележани во Овче Поле, каде што има силен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град. Нестабилната облачна маса се движи од исток кон запад и се очекува да ја зафати Свети Николе и околината.

Поинтензивна нестабилност има и источно од Велес, како и во околината на Градско, каде што освен обилни врнежи се регистрира и појава на град.

Од УХМР информираат дека нестабилно време има и во Скопската Котлина, каде што во делови од градот има пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а локално е можна и појава на град.

Невремето зафати и Полошкиот Регион, каде што на повеќе места се регистрирани интензивни врнежи и град, како и Преспанскиот Регион, западните планински предели и околината на Демир Хисар.

Појава на град е забележана и во околината на Радовиш, додека силни врнежи има североисточно од Кичево, каде што нестабилноста е проследена со засилен ветер и грмежи.

Од УХМР апелираат граѓаните да бидат внимателни, бидејќи нестабилното време продолжува и во текот на попладневните часови, а локално се можни поинтензивни временски непогоди со град и силни налети на ветер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни