Свет

Украина испрати ултиматум до НАТО: Киев бара клучна работа пред важен состанок

Украина испрати ултиматум до НАТО: Киев бара клучна работа пред важен состанок

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска испрати остра порака до НАТО, нагласувајќи дека Киев нема да прифати никакви други безбедносни гаранции освен полноправно членство во таа Алијанса.

Во писмото упатено до неговите колеги од земјите на НАТО, Сибиха наведува дека „целосното членство на Украина во Алијансата е единствената вистинска безбедносна гаранција за Киев, како и средство за одвраќање на натамошната руска агресија кон таа и кон другите земји“, пренесе Политико.

– Нема да прифатиме никакви алтернативи, сурогати или замени за полноправно членство во НАТО, посочи Сибиха и додаде дека само со овој чекор ќе се потисне руската агресија.

„Незначителни договори“

Тој истакна дека претходните договори се покажале како незначителни, како што е Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, кој требаше да ја заштити Украина откако таа се откажа од нуклеарното оружје.

Недавањето на Украина со вистински, ефективни безбедносни гаранции во 90-тите години на минатиот век беше стратешка грешка која Москва ја искористи, напиша Сибиха, додавајќи дека оваа грешка мора да се исправи.

Неговото писмо е испратено во пресрет на состанокот на дипломатите на НАТО во Брисел, каде денеска и утре ќе се разговара за досегашната поддршка за Украина.

Што (не) се очекува на самитот?

Според Политико, и покрај апелот на Киев, за време на самитот не се очекуваат значајни чекори во однос на поканата на Украина за членство во НАТО.

Официјални лица во Киев се повеќе губат надеж дека Украина наскоро ќе се приклучи на воената алијанса, при што новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп предложи да се одложи членството на Украина за најмалку 20 години во контекст на потенцијалниот мировен договор со Русија, пишува Политико.

Украинската министерка за правда Олга Стефанишина минатата недела изјави дека верува оти сегашната администрација на американскиот претседател Џозеф Бајден не го искористила моментот да ја покани Украина да влезе во НАТО.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни