Украина соопшти дека нејзините сили собориле ултрамодерен руски воен авион стациониран во воздухопловна база на речиси 600 километри од линијата на фронтот, откако западните сојузници му дозволиле на Киев да го користи нивното оружје за ограничени напади во Русија.
Главната воена разузнавачка служба на Украина сподели сателитски фотографии за кои рече дека ги покажуваат последиците од нападот. Доколку се потврди, тоа ќе го означи првото уништување (иако на земја, а не во акција) на борбен авион СУ-57, двомоторен „стелт“ ловец поздравен како најнапредниот воен авион на Москва.
На една фотографија околу леталото се гледаат црни траги од саѓи и мали кратери. Според Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана, нападот се случил во саботата во базата Ахтубинск во јужна Русија, на околу 589 километри од линијата на фронтот.
Засега не е јасно какво оружје е употребено во нападот, но оддалеченоста на аеродромот од Украина сугерира дека најверојатно бил погоден од беспилотни летала.
Украинската агенција соопшти дека авионот, кој е способен да носи „стелт ракети“, е меѓу ретките од овој тип во арсеналот на руската армија. Според извештаите на руските агенции, вооружените сили на Москва минатата година добиле „повеќе од 10“ нови СУ-57, а најавено е дека до 2028 година ќе бидат произведени уште 76 единици.
Нападот се случи само неколку дена откако САД и Германија и дадоа дозвола на Украина да гаѓа цели на руска територија со оружје со долг дострел што тие го снабдуваат на Киев.