Унгарската влада усвои закон за вештачка интелигенција

Унгарската влада го усвои првиот закон за вештачка интелигенција (ВИ) кој обезбедува ефикасна заштита за домашните компании и корисници, објави денес Министерството за економија, објавија унгарските медиуми.

Законот е донесен по усвојувањето на националната стратегија за ВИ во септември оваа година.

Според службеникот на министерството задолжен за технологија и одбрана, Саболч Солноки, целта на владата е да создаде правна рамка за безбедна, транспарентна и одговорна употреба на ВИ, објавува МТИ.

Новиот закон, создаден со професионална поддршка на Министерството за економија, е тесно поврзан со националната стратегија за ВИ која придонесува унгарските граѓани и компании да го извлечат максимумот од технолошкиот развој, додаде Солноки.

Според него, новиот закон ги спроведува регулативите на Европската унија за ВИ, а во исто време ефикасно ги заштитува унгарските компании и корисници.

Според законот, домашните власти се одговорни за спроведување на регулативите на ЕУ за ВИ, а ќе се формира и Унгарски совет за вештачка интелигенција.

Телото, кое ќе го води владин комесар за вештачка интелигенција, ќе помогне да се обезбеди унифицирана примена на законот преку развивање упатства, како и надгледување на технолошкиот развој и официјалните практики, а исто така ќе ѝ помага на владата со препораки и предлози.

Советот ќе функционира како широк форум кој ќе консултира претставници од областите на истражување, економија и социјални прашања, се вели во соопштението од Министерството за економија.