Македонија

Уставниот суд отвори постапка за оценување на уставноста на данокот на солидарност

Уставниот суд отвори постапка за оценување на уставноста на данокот на солидарност

На денешната седница, Уставниот суд донесе одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за данок на солидарност, кој беше усвоен од претходната влада минатата година. Според дискусијата на судиите, изразени се сомнежи дека законот ја нарушува правната сигурност на компаниите кои во 2022 година оствариле профит над 615 милиони денари. Со законот се наложува задолжителен вонреден данок на веќе одданочениот профит од претходната година.

„Во расправата, уставните судии укажаа на можноста за повратно дејство на законот, што е спротивно на членот 52 од Уставот. Ретроактивноста е дозволена само за тековни постапки, но во овој случај компаниите ги завршиле своите обврски со плаќањето данок во 2022 година,“ соопштија од Уставниот суд.

Судот исто така оцени дека со ваквиот данок компаниите биле ставени во нееднаква положба, при што се нарушени уставно загарантираните права на сопственост и слободата на пазарот и претприемништвото.

„Иако законот беше презентиран како усогласување со Регулативата 2022 на ЕУ, сомнежите се дека ова не е случај. Регулативата се однесува на вонредно оданочување на компании од енергетскиот сектор со значително зголемен приход како последица на кризата, додека во македонскиот закон критериумот е профит над 615 милиони денари, без разлика на секторот,“ наведува судот.

Судијката Добрила Кацарска најави издвоено мислење за решението. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, појасни дека постапката сега влегува во втората фаза. На следната седница ќе се утврди нацртот на решението, по што ќе биде побарано мислење од Собранието.

„Одлуките на Судот може да бидат укинување, поништување или запирање на постапката. Укинувањето спречува идно примање на идентичен закон, додека поништувањето значи отстранување на сите последици од законот, како истиот никогаш да не постоел,“ изјави Костадиновски.

Судот засега не дава прогнози за исходот, истакнувајќи дека конечната одлука ќе зависи од целокупната расправа на судиите.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни