Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија, од финалната верзија беа отстранети формулациите кои директно се однесуваат на „македонскиот јазик и идентитет“.
Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ денеска го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.
Извештајот го опфаќа напредокот на Македонија во клучните области за евроинтеграција, како и препораки за понатамошни реформи, но отстранувањето на овие термини се толкува како одраз на компромисите во европскиот политички дијалог.
Македонија брзо да ги почне преговорите, оти напредува и е доверлив партнер на ЕУ, иако нејзиниот интегративен пат е обременет со прашања поврзани со историјата, реферираше известителот Вајц.
„Северна Македонија некогаш беше лидер кога ја почна евроинтеграцијата заедно со Словенија. Каде е сега Словенија, а каде е северна Македонија? Имаше пречки. Пречки поврзани со историјата, со војни во минатиот век, со градење добри добрососедски односи, кои треба да се градат од двете страни.“, изјави Томас Вајц-известувач за Македонија.
Извештајот е реален приказ на постигнатото, Македонија да ги засили реформите и да ги донесе уставните измени, повика еврокомесарката Кос.
„Потребно е Северна Македонија да продолжи да напредува на пристапниот пат, најпрво со усвојување на уставните промени. Владата во Скопје има историска можност да го направи ова и да го искористи моментумот за проширување.“, изјави Марта Кос-еврокомесар за проширување.
Бугарски и грчки пратеници ја претворија дебатата за извештајот во дебата за македонскиот идентитет и јазик, каква што не доликува на европскиот храм на демократијата.
„Јас сум горда Македонка, вистинска, а не лажна како оние во Скопје.“, изјави Афродити Латинупулу-европарламентарка од Грција.
„Вметнувањето на Бугарите во сите релевантни делови од Уставот, почитување на договорот со Бугарија од 2017-та и преговарачката рамка, нема да го нарушат вашиот идентитет. Секое пролонгирање на реформите за членство ќе го направи токму тоа.“, изјави Ивајло Валчев-европратеник од Бугарија.
Одговорот стигна од словенечката европратеничка со македонско потекло.
Македонија брзо да ги почне преговорите оти тоа е во интерес и на европската унија, порачаа останатите европарламентарци.
„Унапредувањето на евроинтеграцијата на Северна Македонија не е само во интерес на земјата туку и на европската унија. Посакувам среќа за Северна Македонија наскоро да стане полноправна членка на ЕУ“, изјави Тонино Пицула-европарламентарец од Хрватска.
„Проширувањето не треба да биде користено за разрешување билатерални спорови. Земјата направи многу отстапки и треба да се направи уште една уставна измена, но повикуваме ЕУ да обезбеди дека нема да има нова пречка на евроинтегративниот пат.“, изјави Тајс Ројтер-европарламентарец од Социјалдемократската партија.
На извештајот беа поднесени 28 амандмани.