Македонија

Усвоен Законот за јавни набавки, Тевдовски: Новиот Закон ќе обезбеди рационално трошење на државните пари

Со 57 гласа „за“, без гласови „против“ и „воздржани“, вчера Собранието го усвои новиот Закон за јавни набавки. Законот за јавни набавки ќе стапи на сила од април.

Новиот Закон за јавни набавки е усогласен со законодавството на Европската унија и ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки.

– Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе -истакна министерот за финансии Драган Тевдовски Тевдовски

Со новиот закон се воведуваат и низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки. Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата.

Министерот за финансии посочи дека со предложениот Закон за јавни набавки ќе се подобри системот на јавни набавки во земјава, а нашето законодавство ќе се усогласи со законодавството на Европската унија.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни