Македонија

Утре исплата на 17,6 милиони евра главница и 880.000 евра камата за граѓаните

Утре исплата на 17,6 милиони евра главница и 880.000 евра камата за граѓаните

Министерството за финансии најави дека утре (14 ноември 2025) ќе изврши исплата на главницата и каматата за втората година од издадената втора Граѓанска обврзница.

На сметките на граѓаните кои ги запишале обврзниците од оваа емисија ќе бидат исплатени средства во износ од 17,6 милиони евра како главница и 880 илјади евра како камата.

Втората граѓанска обврзница, која сега достасува, беше издадена од Министерството за финансии на 7 ноември 2023 година. Таа имаше рок на доспевање од 2 години и носеше атрактивна каматна стапка од 5% годишно. Каматата за првата година, исто така во износ од 880 илјади евра (54.274.000 денари), беше исплатена минатата година во ноември.

Граѓанската обврзница како нов инструмент беше воведена во 2023 година, со цел да се збогати понудата на финансискиот пазар, но и да се прошират изворите на финансирање на економските политики.

Досега се издадени две емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората, која сега се исплаќа, беа запишани 17,6 милиони евра.

Од Министерството за финансии потврдуваат дека ќе продолжат со објава на нови емисии.

„Во Министерството за финансии во изминатиот период се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диферзификација на понудата на финансиските инструменти за инвестирање и веќе се работи на подготовка на нова емисија Граѓанска обврзница. Проспектот за новата емисија се подготвува и се очекува да биде објавен до крајот на годината“, соопштија од Министерството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни