Македонија

Утре стартуваат уписите во средните училишта за учебната 2026/2027 година

Утре стартуваат уписите во средните училишта за учебната 2026/2027 година

Од утре започнува процесот на упис во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година, со што илјадници деветтоодделенци ќе ја направат првата важна одлука за нивното понатамошно образование. Пријавувањето, како и претходните години, се одвива електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со веќе постоечките сметки на schools.mk, информира Министерството за образование и наука.

Во првиот јунски уписен рок, пријавувањето ќе трае од 12 до 15 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е предвидено за 16 и 17 јуни. Конечните резултати и листите со слободни места ќе бидат објавени на 18 јуни.

Вториот рок за пријавување е закажан за 23 јуни, со доставување документи на 24 јуни, додека третиот уписен рок ќе се реализира на 20 август.

Министерството потсетува дека конкурсот со слободни места за сите јавни средни училишта е достапен на официјалната веб-страница на МОН. Дополнително, учениците можат да го користат и онлајн водичот за квалификации, кој помага при избор на соодветна струка и насока за понатамошно образование и кариера.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни