„Затоа јас ги молам сите граѓани и Македонци, Албанци да бидат спокојни. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу денеска полека ќе почне да се обелоденува“, вака премиерот Христијан Мицкоски изјави утрово на прес конференција во Владата.
Ако се толкува оваа изјава на премиерот може да се сфати дека станува збор за политичката партија ДУИ. Намерно или не, премиерот во својата изјава откри дека „тоа“ ќе го видиме многу брзо, односно денеска.
Од тука може ли да се заклучи дека денеска ќе „падне“ висок функционер од поранешната Влада односно член на ДУИ?
Премиерот извесен период најавува дека ќе започнат голема акција за борба со криминалот и корупцијата.
„Без разлика тие што се жилави и имаат свои инфилтрирани лица во Обвинителството и во судството, без разлика колку ќе трае оваа наша борба, ќе ги поразиме и едните и овие што се слугите на овие, но и овие. И мора јавноста и Македонците и Албанците но и сите останати да ја дознаат вистинската вистина и да дознаат што се крие зад оваа хајка на овие политички профитери и многу скоро денеска ќе се дознае“, заклучи Мицкоски.
И во овој дел од денешната прес конференција премиерот повторно посочи „многу скоро денеска ќе се дозна“, што повторно алудира на нашиот заклучок од почетокот на текстот, дека премиерот индиректно најави голема акција која се очекува или можеби веќе се спроведува на територија на Македонија.