Инспекторатот на Град Скопје денеска откри незаконски приклучок на водоводната мрежа во општина Сарај. Станува збор за лице кое илегално користело питка вода за наводнување на пластеници на неколку илјади квадратни метри. Градските власти информираат дека против сторителот е поднесена кривична пријава.
„Ваквите случаи не само што ги оштетуваат граѓаните, кои се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода во урбаните и руралните средини, туку овозможуваат и избегнување на плаќање сметки во вредност од илјадници евра, со што се нанесува финансиска штета и на ЈП ‘Водовод и канализација’“, посочуваат од Град Скопје.
Според системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, евидентирано е значително зголемување на потрошувачката, особено во попладневните часови. Само во јуни, дневната потрошувачка во одредени денови достигнала рекордни 356.000 кубни метри вода, што значи околу 700 литри по жител.
„Причината за тоа се неконтролираното трошење вода за полевање ниви, перење возила и полнење базени. Дивите приклучоци директно го оштетуваат системот и го нарушуваат квалитетот на водоснабдувањето“, додаваат од Градот.