„Чествуваме 80 години од ѕверското стрелање на 12 деца токму тука на ова место Моклиште од бугарскиот окупатор на ѕверски свиреп начин беа убиени 12 деца. Во нивна чест и во јубилејни 80 години од стрелањето општина Кавадарци заедно со Советот на Општината во програма изготви 12 бисти. Денес беа свечено отворени, а исто така се отвори и спомен соба во чест на децата кои беа стрелани 1943 година“, истакна градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев на чествувањето на 80 од стрелањето на 12-те младинци во Ваташа.
Тој порача дека македонскиот народ знае да прости, но прво ако бугарскиот фашистички окупатор се извини.
„Денес гордост е дел да си од Ваташа, гордост е да си дел од Кавадарци зошто овие деца го дале животот за слобода на Република Македонија, тука заедно со ваташани, кавадарчани, со повеќе наши граѓани и политичките партии заедно да го прославиме овој ден за да ја градиме иднината на основа на минатото и она што значи 80 години од ѕверското стрелање на овие 12 младинци. Сите немале ниту 120 години заедно на денот на нивното стрелање, а тоа е еден човечки живот кој го има живеено еден човек. Така да, да се убие дете, да се стрелаат 12 деца е незаборавен чин. Меѓутоа ние сме народ, христијански православен кој знае да проштева, меѓутоа прошката ја бараме со она што значи извинување и поклонување токму пред овие бисти и споменик“ рече Јанчев.
