Советникот во Советот на Општина Битола, Менде Илиевски, денеска на прес-конференција изнесе нови обвинувања за злоупотреби на позициите од страна на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈДПД).
Илиевски информира дека Миланчо Митревски, шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец, продолжува со злоупотреба на службената положба. Иако веќе бил санкциониран за претходни злоупотреби, нови снимки од свиркачи покажуваат дека Митревски редовно ја избегнува наплатата на патарините, користејќи службена положба за лични интереси. Илиевски објави и слика од возилото кое го управува Митревски, а според неговите тврдења, на 15 август 2024 година, тој бил снимен како избегнува да плати патарина на станицата Отовица.
Советникот посочи дека ваквите злоупотреби се честа практика и побара надлежните институции да преземат итни мерки за да се утврди колку пати Митревски избегнувал плаќање на патарини. Според него, овие податоци се проверени и потврдени преку Системот за електронска контрола на патарините, каде е утврдено дека возилото со регистерски таблички кое го управува Митревски не платило патарина во повеќе наврати.
„Ова е недозволиво. Народот плаќа, а партиските кадри на Мицкоски и Трајановски не“, истакна Илиевски, повикувајќи го Коце Трајановски веднаш да го разреши Митревски, а институциите да преземат одговорност за ваквите злоупотреби.
Илиевски додаде дека случајот покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ не се променети навиките од минатото, и дека злоупотребите продолжуваат со истиот начин на владеење како пред 2016 година.