Скопјани и вечерва се соочуваат со загадување и густ чад кој се шири низ градот. Од различни делови на главниот град пристигнуваат поплаки од граѓаните дека воздухот е неподнослив.
Жителите на Ново Лисиче велат дека „целото маало мириса на пластика и чад“, а слична состојба има и во Драчево, Аеродром, Кисела Вода и Центар, каде граѓаните сведочат дека речиси и не може да се излегува надвор.
Се поставува прашањето дали проблемот е поврзан со депониите Дрисла и Вардариште, кои се догасуваат со метод на затрупување со песок. Дел од граѓаните предупредуваат дека чадот и смрдеата укажуваат на тоа дека огништата не се целосно затворени.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека иако воздухот во Скопје визуелно изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности.
„Нема зголемени параметри кои се алармантни. Тоа е визуелно така, но според испитувањата, состојбата не е толку сериозна како што се претставува“, рече Мицкоски, додавајќи дека сепак е штетно граѓаните да се доведуваат во вакви ситуации.