Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, се соочи со револт и остри критики од страна на сточарите за време на јавната трибина организирана од Министерството во Битола. Главна причина за тензиите и хаосот во салата беа доцнењата на исплатите и неисполнетите ветувања за субвенциите.
„Кажи отворено ако нема пари, нема душата да ти ја земеме“
Атмосферата кулминираше кога збор зеде сточарот Борче Бучински, кој директно му се обрати на министерот со барање за искреност кон земјоделците, наместо да им се даваат празни ветувања кои не се реализираат.
- Според Бучински, власта треба отворено да признае пред народот доколку во моментов нема средства за исплата. „Кажи, нема душата да ти ја земеме“, му порача тој на Трипуновски.
- Расправата доби на политичка тензија кога некој од присутните дофрли: „Од СДС не баравте, сега барате“. На ова Бучински возврати: „Кој не барал бе од СДС…“, по што настана општ хаос и смеа меѓу присутните во салата.
„Го исплати лозјето за Свети Трифун и застана“
Револтот го сподели и сточарот Тони Петковски – Паша, кој отворено ги побара заостанатите субвенции по грло-крава, потсетувајќи го министерот на нивните претходни разговори во четири очи.
„Замижав и ја поддржав програмата, затоа што кога бевме во кабинет, ми рече ’ќе завршиме со исплатата‘. Го исплати лозјето за да одиш на Св. Трифун и повеќе застана“, изјави Петковски, предизвикувајќи силни аплаузи и дополнителна смеа кај присутните сточари.
Одговорот на министерот Трипуновски
Наспроти обвинувањата од сточарите дека исплатите се селективни и закочени, министерот Цветан Трипуновски се бранеше со бројки, тврдејќи дека институцијата активно работи на сервисирање на обврските. Според неговите зборови, само во изминатите два месеци кон македонските земјоделци се исплатени вкупно 50 милиони евра по основ на субвенции.
