По две години храбра борба со тешката болест Neuroblastoma Metastaticum, тригодишната Тара Младенов денес го заѕвони победничкото ѕвонче на Детската клиника во Скопје, симболично означувајќи дека болеста е победена.
Нејзината мајка, Христина Младенов, на Инстаграм позната како Христина Пан, со емотивна објава ја сподели оваа пресреќна вест со јавноста:
„Господе фала ти! Сите деца од тука да излезат вака и дај Боже ниту едно дете да не треба да влезе на овие врати!“
Христина и нејзиниот сопруг Петар се родители на три девојчиња – близначките Тара и Хана и помалата Калија. Нивниот пат до родителство не бил лесен – по долга борба со неплодност, во јули 2022 година ги добиваат близначките. Но, само неколку месеци подоцна, пред првиот роденден на девојчињата, семејството се соочува со страшна дијагноза – Тара е болна од агресивен детски тумор.
Малата Тара помина низ низа тешки третмани и хемотерапии, лекувајќи се во Скопје, Љубљана и Истанбул. Иако долго време нејзината состојба беше стабилизирана, денешниот ден е официјалното финале на таа битка.
„Мојата хероина, мојата гордост, мојата најголема животна лекција… Нека ѕвони најсилно ѕвончето денес!“, напиша Христина, заблагодарувајќи им се на медицинските тимови, роднините, пријателите и сите следбеници кои со поддршка и љубов биле дел од нивната приказна.
Тара сега е симбол на храброст, сила и надеж за многу семејства. Нека ова ѕвонче биде почеток на едно посветло и здраво детство – токму какво што заслужуваат сите деца.