Во рок од три дена од пуштање во функција на телефонската линија за повредените лица од несреќата во Кочани, 109 граѓани ја искористија можноста да ги достават своите барања и предлози до кабинетот на премиерот.
Линијата 070/355-526 е воспоставена како дел од мерките за поддршка на повредените и нивните семејства и има директна врска со Канцеларијата на Претседателот на Владата. Веќе во првите 72 часа, Владата доби јасни сигнали дека граѓаните имаат конкретни потреби и очекувања.
Како дел од пакетот мерки, Владата одлучи да обезбеди бесплатна рехабилитација во рехабилитацискиот центар во Пониква за сите повредени лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска и психолошка нега. Тим од лекари ќе работи во Пониква од 10 јуни до 20 август, со цел да ги поддржи сите пријавени повредени.
Владата ги охрабрува и останатите граѓани кои претрпеле повреди во кочанската несреќа да се јават на телефонската линија и да ги достават своите барања. Според владината прес-служба, оваа иницијатива е дел од заложбите „државата да биде на патот на промените и да создаде конкретни резултати во интерес на граѓаните“.