ВЛЕН: Безрезервна поддршка за Африм Гаши, и повик до Уставен суд да не го „чепка“ Законот за јазиците

Координативното политичко тело на коалиција ВЛЕН денеска одржа работен состанок на кој се разгледаа неколку прашања од особена важност за иднината на Република Северна Македонија, стои во соопштението од ВЛЕН.

„Во фокусот на дискусиите беше интерпелацијата поднесена против претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, како и најновите изјави на претседателот на Уставниот суд во врска со Законот за употреба на јазиците и балансерот. По темелните дискусии, Координативното тело на ВЛЕН дојде до следниве два важни заклучоци:
 1. Координативното тело на ВЛЕН ја оценува интерпелацијата против претседателот на Собранието како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација. Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси.

2. Координативното тело на ВЛЕН, без намера да се меша во работата на Уставниот суд, ја оценува како опасна и неприфатлива нивната иницијатива за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците. Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би го загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација.

Коалицијата ВЛЕН решително и без компромиси ќе го брани интегритетот на државните институции и интересите на граѓаните на Република Северна Македонија, стоејќи цврсто против секој обид за нарушување на евроатлантскиот пат на земјата“, стои во соопштението од ВЛЕН.