На денешната прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за сите падови, меѓу кое и она најновото на ценетиот „Форбс“ кое ја смести Македонија на 68 место, а пред само четири години, според опозицијата, била на 31., позиција.
„Црнилата, девастацијата на Република Македонија, ова економско цунами, коруптивност и криминал заради безидејноста на октроираната власт за една намена добија потврда и од ценетиот „Форбс“. Сега Република Македонија е на 68 место, додека за споредба 2014 била рангирана 31 место, како најдобра во регионот! И сега доживуваме огромен пад!
Тешко стекнатиот меѓународен рејтинг на Република Македонија, оваа власт го топи како воопшто да не и е грижа за утре! Па и не и’ е. Само од минатата година според оваа листа на „Форбс“ има пад од 5 позиции на листата на држави за водење бизнис. Корупцијата на оваа влада, која наместо да се бори со корупцијата, дури и предизборно ја поттикнуваше, ја однесе Република Македонија дури на 97-мото место!
Најмногу забелешки „Форбс“ има за владеењето на правото, нееднаквото спроведување на законите. Дури и она што не задржало да не пропаднеме на повеќе на оваа листа како Република Македонија, ниските даноци, оваа црна власт се погрижи да тоа биде урнато следната година! Забелешките за големата застапеност на сивата економија, догодина со даночната политика и политиката само кон зелените пазари ќе бидат дополнително страшни!
Оценката на „Форбс“ е потврда на сите стравувања и укажувања од опозицијата, на сите забелешки за оваа кои црната власт остана глува и продолжи со тендери во 4 очи, со милионски коруптивни договори во секој владин сектор и ресор.
Но затоа пак вицепремиерите вчера добија покачување на платата. Од оние за одбрана и безбедност, Шекеринска и Спасовски, преку Османи за евроинтеграциите, до вицепремиерот за економски прашања иновативниот Кочо Анѓушев. Покачена плата од 8.000 денари месечно, покачувања додека сиромаштијата зема замав, а спиралата на поскапувања врти. Поскапувања „на поевтиниот леб“ како што оцени иновативниот Кочо Анѓушев!
Притоа, почитувани додека Република Македонија паѓа на светските рејтинг листи за тоа како треба да се води бизнис е доказ за општата состојба во Република Македонија. На сила се турка закон со кој секое јавно претпријатие во Република Македонија, секое државно, но и секое општинско јавно претпријатие треба дополнително да се донаполни со партиски функционери, со заменици директори, кои би ги менувале директорите кога тие би биле отсутни!“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
