ВМРО-ДПМНЕ остави тегли со „чист воздух“ пред Владата: „Загадениот воздух убива кога власта е неспособна“

ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со „чист воздух“ пред Владата, како знак на револт поради загадениот воздух. Потоа изјава даде Јелена Жугиќ од опозицијата.

„Пред да почнам со изјавата би сакала да ве известам дека поради огромните бројки на заболени од вирус, вечерва одлучивме овој протест да го спроведеме со намален број на присутни, почитувајќи ги законските мерки на присутност на протест.

Се наоѓаме на прагот на грејната сезона, а мерните станици за загаденост на воздухот мерат 5-6 пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот како во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и други градови низ Македонија.

Загадениот воздух убива кога власта е неспособна.

Зоран Заев пред 4 години вети дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето. Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо  конкретно за намалување на загадувањето.

Зоран Заев, човекот што на цел глас викаше, верувам се сеќавате „Ајро, Ајро, Ајро“ сега седи во премиерската фотелја во зградата зад нас, дели тендери на потесното семејство и воопшто не му е грижа за граѓаните кои се гушат во смог.

Воздухот никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема.“,рече Јелена Жугиќ.

Протести на опозицијата против загадениот воздух се одржаа и во Тетово, Струмица, Куманово и Битола.

.

Извор: ТВ21