ВМРО-ДПМНЕ, конечно е поконкретна со нејзиното барање за предвремени парламентарни избори. До Собрание достави иницијатива за распуштање на Парламентот и оставка од Владата.
Дали ќе ги бојкотираат или не претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе каже откако ќе добие одговор на барањето за предвремени парламентарни избори. Но како што рече Мицевски, за да се избегне стравот за цензус на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ смета дека предвремените пaрламентарни избори треба да се одржат на 5 мај, со вториот круг на претседателските избори.
Од друга страна, СДСМ се уште не донела одлука дали ќе оди на предвремени парламентарни избори или не. Централниот одбор на оваа партија, во петок го ополномошти Извршниот одбор да одлучи за тоа, но како што изгледа, дебатата во СДСМ се уште трае.
ВМРО-ДПМНЕ не е единствената партија која бара парламентарните и претседателските избори да се одржат заедно. Заинтересирани за тоа се и двете албански опозициски партии. Пратеникот на БЕСА, Фадиљ Зендели, вели дека Владата ги надмина проблемите со соседните земји, но потфрли во економијата, социјалната политика и образование.
„Сметам дека сега е моментот за повторна проценка од страна на електоратот за политичките субјекти и по тие избори можеби со нов капацитет, енергија и елан, да се создаде парламентарно мнозинство, кое ќе има полн капацитет за да се соочи со сериозните предизвици и на евро атлантскиот пат но и пред се со сиромаштијата, економските и социјалните проблеми, кои не ги надминавме“, изјави Фадиљ Зендели од Движење Беса.
И Алијанса за Албанците е за предвремени парламентарни избори, и тоа итно, вели пратеникот, Сирија Рушиди, кој смета дека владата го изгубила моралниот кредибилитет.
„Освен постигнувањето на Преспанскиот договор и влезот на Македонија де факто на праг на членството во НАТО а подоцна и во ЕУ, што се однесува до внатрешната димензија сметам дека имаше големи неуспеси, граѓаните очекуваат многу и мислам дека предвремените избори би претставувале можност за излез од оваа ситуација.“, изјави Сирија Рушиди од Алијанса за Албанците.
Идејата за предвремени парламентарни избори, дојде од ВМРО-ДПМНЕ, ноќта кога Собранието ги изгласа уставните измени предвидени со Преспанскиот договор. Опозициската партија побара, но коалициските партнери СДСМ и ДУИ, досега се изјаснија дека предвремените избори ќе ги попречат реформските и евроатлантските процеси на Македонија.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ