Македонија

Во „Алта банка“ се услужуваат и клиенти без СМС-порака, исплатата до 20.000 денари

Во „Алта банка“ се услужуваат и клиенти без СМС-порака, исплатата до 20.000 денари

На шалтерите на „Алта банка“ АД Битола денеска се услужуваат и граѓани кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата, соопшти Народната банка. Преку СМС-пораки за денешната исплата биле повикани околу 400 граѓани.

Исплатата е наменета за клиентите кои имаат платежни сметки во банката, но немаат платежни картички, со посебен приоритет за пензионерите и примателите на социјална помош. Максималниот износ што можат да го подигнат е 20.000 денари за период од две недели.

Гувернерот Трајко Славески за почетокот на исплатата информирал на средба со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов. Според Народната банка, исплатата се одвива непречено.

Славески нагласил дека средствата на клиентите и понатаму се на нивните сметки, а привремените ограничувања се однесуваат на располагањето со парите.

„Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакнал гувернерот.

Народната банка работи на создавање услови за исплата преку шалтери и во други градови, за да им го олесни пристапот до средствата на пензионерите и примателите на социјална помош.

На средбата било посочено дека се бараат решенија и за постепено обезбедување на другите банкарски услуги во најкус можен рок. Според Славески, активностите треба да овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата и за граѓаните и за компаниите.

Славески, Мемов и Трајкова ги повикале пензионерите да бидат спокојни, нагласувајќи дека исплатата на нивните средства и на социјалната помош е приоритет. Тие ја истакнале и потребата од редовно информирање преку здруженијата на пензионерите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни