Во главниот град продолжува енормната и неконтролирана потрошувачка на вода, што сериозно го нарушува водоснабдувањето. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека дневната потрошувачка надминува нормални граници, поради што делови од градот се соочуваат со намален притисок и повремени прекини на вода, особено во најтоплите делови од денот.
Според јавното претпријатие, стабилизирање на системот се очекува по 23 часот, кога опаѓа потрошувачката. Од таму апелираат до граѓаните на Скопје да користат вода совесно и рационално, бидејќи градот се снабдува од природен извор со ограничени количини на вода за пиење од непроценлива вредност.
Посебно се нагласува да се избегнува:
- Полевање на зеленило, бавчи и ниви
- Перење возила
- Полнење базени
- Секој друг вид на непотребна или нерационална потрошувачка
Од „Водовод“ алармираат и на сериозниот проблем со дивите приклучоци, кои нанесуваат директна штета на целиот систем и влијаат врз квалитетот на водата за сите корисници.
Граѓаните кои ќе забележат див приклучок се повикуваат да го пријават на:
телефон: 02 3073 010
е-пошта: kontakt@vodovod-skopje.com.mk
Од претпријатието апелираат и до локалната самоуправа и месните заедници да се вклучат во подигање на јавната свест за одговорно користење на водата во овие критични летни денови.