Денес, во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, беше извршена првата операција потпомогната од технологија за виртуелна реалност (ВР). Оваа процедура ја спроведе д-р Стефан Арсенков, абдоменален хирург и коосновач на компанијата „3ДЛум“ (3DLoom).
За време на операцијата за отстранување на жолчното ќесе кај 32-годишна пациентка, д-р Арсенков користеше ВР-очила, кои овозможија пренос во реално време и имерзивна визуализација на самиот зафат. Примената на оваа напредна технологија значително ја подобри прецизноста и контролата, како и ергономијата, што ја зголеми успешноста на операцијата.
„Ова е значаен успех не само за нашата болница, туку и за целиот здравствен систем. Воведувањето на виртуелната реалност во операционата сала претставува значаен напредок во сложените операции. Технологијата ни овозможува подобра видливост и ергономија, што резултира во подобри исходи за пациентите“, изјави д-р Арсенков.
Оваа успешна операција е важен момент во имплементирањето на новите технологии во медицината во нашата земја. Таа поставува основа за поширока примена на овие технологии во различни области на хирургијата, особено при комплицирани и долготрајни зафати, и поставува нови стандарди за квалитет во грижата за пациентите.
„Среќни сме поради овој успех и продолжуваме да ја спојуваме медицината со најновите технологии. Овој успех е резултат на напорите и посветеноста на нашиот тим и сме возбудени за позитивните ефекти што ќе ги донесе за пациентите и медицинската заедница“, нагласи д-р Арсенков.
„3ДЛум“ е медтек компанија која се фокусира на интегрирање на новите технологии, како што се вештачката интелигенција, 3Д печатењето и виртуелната реалност, со медицината. Нашите решенија се дизајнирани да ја унапредат грижата за пациентите и да ги подобрат исходите од оперативните зафати.