Македонија

Во „Марија Кири“ назначен директор Албанец, македонските паралелки ја бојкотираат наставата

За првпат во Средното училиште „Марија Кири Склодовска“ е назначен директор Албанец. Поради тоа, учениците од македонските паралелки одлучија да ја бојкотираат наставата. Професорката по хемија, Филимина Каранфиловска, вели дека не се согласува со одлуката и дека бараат друг директор.

Новоизбраниот директор, Блерим Небиу, за ТВ21 рече дека училиштето е под надлежност на Град Скопје и дека образовната установа мора да ги почитува одлуките на општината.

„Институцијата е под надлежност на Град Скопје. Ќе почитуваме секаква одлука и ќе работиме согласно постоечките закони, нема да има измена. Одлуката за протест може да биде и политичка“, вели Блерим Небиу – директор.

Назначувањето на Небиу, го поддржа и првиот човек на Град Скопје, Шилегов.

Министерот за образование, Арбр Адеми, вели дека сѐ уште нема целосни информации околу случајот, и додава дека нема потреба од триумфализам.

„Околу ова не сум доволно информиран, но мојот став е дека во образование не треба да се подгреваат тензии и поделби, туку треба да сме заинтересирани за квалитетот на образованиот процес. Не ни треба ниту триумфализам, ниту ништо друго“, изјави Арбр Адеми – Министер за образование и наука.

Според податоците на Град Скопје, ова училиште кое се наоѓа на територија на општина Аеродром, брои над 800 ученици со 28 паралелки, од кои 18 се на албански јазик. Првата паралелка на албански јазик е отворена во 2009 година.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни