Населбата Визбегово се наоѓа на само 7 километри од центарот на Скопје. Географски многу блиску, додека во реалност далеку од градот. Неасфалтираните улици и натаму се секојдневие за жителите. Тие велат дека живеат во катастрофални услови и истовремено ја обвинуваат општината, која како што велат, неколкупати им ветила дека ќе го реши проблемот, но конкретна активност сѐ уште нема.
„Тука животот е катастрофален, улиците се катастрофални. Неколкупати ни ветуваа, но ништо не исполнија. Само ветуваат пред избори, а не доаѓаат да видат како живееме. Во зима, дури ни таксистите не доаѓаат, бидејќи улиците се непроодни“, вели жител на Визбегово.
Дополнителен револт кај жителите е што дури ниту возилото на брза помош не може да помине низ калта и неасфалтираните улици .
„Не можеме да се движиме од калта. Кога врне улиците уште повеќе се влошуваат. Не можеме да излеземе дури ниту кога луѓето се разболуваат. Со овие проблеми се соочуваме и во текот на зимата, но и на лето кога врне. Ниту возилото на Брза помош не доаѓа, а ниту пак таксистите поради калта и лошиот пат. Никој не сака да си го уништи автомобилот, затоа не доаѓаат“, изјави Иса Нуредини.
Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Симоновски, вели дека станува збор за наследени проблеми. Вети дека општината ќе ги асфалтира улиците кои се на територијата на Бутел. Тој додава дека има и сериозен проблем со неколку улици кои се дел од Шуто Оризари, додека луѓето кои живеат на тие улици гласаат во општина Бутел.
Смилевски потврди дека се сретнал со градоначалникот на Шуто Оризари, со кого изготвуваат Меморандум за соработка за асфалтирање на патиштата. Неасфалтирани патишта во овој дел на Визбегово има уште два километри, па така водејќи се по зборовите не Смилевски – дека за една година е асфалтирано само 1.1 километри, можеме да заклучиме дека на општината ќе ѝ бидат потребни уште две години за да го асфалтира преостанатиот пат.
Репортер: Арменд Гаши
