Голема штета е предизвикана врз пчеларници во прилепскиот регион, каде во пожар целосно изгореле четири поголеми пчеларници, како и неколку помали. Во пожарот настрадале голем број пчелни семејства, но и објектите и опремата на пчеларите.
Информацијата ја сподели Пчеларското здружение „Матица“ Скопје, од каде апелираат до пчеларите и граѓаните да помогнат во обновувањето на уништените пчеларници.
„Направени се огромни штети, како на пчели така и на објекти“, се наведува во апелот објавен во пчеларската заедница.
Од здружението повикуваат на солидарност и хуманост, посочувајќи дека секоја помош, без разлика на нејзината големина, би била значајна за пчеларите кои претрпеле загуби.
Помошта може да се обезбеди индивидуално, а за оние кои сакаат да се приклучат преку организирана акција, можат да се обратат до ПЗ „Братство“ од Прилеп.
За дополнителни информации и координација на помошта, достапен е претседателот на здружението, Дејан Бошковски, на телефонскиот број 075 992 230.