Во сообраќајка во Грција повредено четиричлено семејство од Македонија

Семејство од Македонија е повредено во сообраќајна несреќа која рано утрово се случила на патот Евзони – Солун, на влезот во Грција. Од засега непознати причини, автомобилот излетал од патот, а сите патници биле пренесени во болница.

Несреќата се случила утрово во 8:15 часот, а во возилото бил брачен пар од 48 и 50 години, и нивните две малолетни деца 11 и 15 години.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека десет пожарникари со шест возила интервенирале за мажот да биде извлечен од превртеното возило, по што со возило на брза помош бил пренесен во болница.