За прв пат откако беше прекината седницата за гласање на потребата за менување на Уставот, пратениците во вторник седнуваат повторно во собраниските клупи. Но со дневен ред на кој е ставена и Декларацијата на власта за 120-годишнината од Илинденското востание. Опозицијата со бројни забелешки за текстот реагира дека воопшто не биле консултирани за содржината. Децидни се дека оваа Декларација е навреда за македонскиот народ, објави Сител.
За првиот човек на партијата кој излезот од кризата со уставните измени и скандалите го гледа во ново изборно соочување веќе е ирелевантно дали изборите ќе се случат сега или напролет во редовниот термин, важно е вели СДСМ и ДУИ да заминат од власт.
Откако и премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски велат дека поради опструкции од опозицијата процесот може да пропадне, реагираат и од Социјалистичката партија на Македонија. Оттаму ја оценуваат како срамна неодговорната изјавата на Пендаровски за наводните опозициски опструкции на зачленувањето на Македонија во ЕУ.
Неговата неодговорност, исклучивост и пристрасност се гледа во тоа што не најде за сходно ниту да покрене иницијатива за решавање на разликите меѓу власта и опозицијата. Тој не ја сфаќа сериозноста на уставната и политичката криза која ескалира, а молчи во очекување на втор манадат од неговата партија, сведувајќи го првиот на обично малограѓанско сплеткарење и интриганство. Затоа и после повеќе од четири години довербата кај народот му е сведена на статистчка грешка, велат од СПМ.
И додека опозицијата обвинува на штетни последици од менување на уставот, СДСМ уверува дека уставните измени се чекор напред на европскиот пат. Од партијата велат дека членството во ЕУ е единствена алтернатива која значи подобар животен стандард.
Засега Џафери не најавува кога ќе закаже ново продолжение на седницата за гласање на потребата за уставни измени.
Извор: Сител