Засега единствено сигурно е дека ќе има шест гласови „за“ интерпелацијата за спикерот Африм Гаши, на оние што ја поднесоа – пратениците на Левица. По одморите, во вторник ова прашање ќе биде прво за кое ќе расправа Собранието на пленарна седница, но дел од партиите се уште немаат изградено став како ќе постапат. Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче најави дека утре ќе има координација со пратеничката група, по што би се знаело дали ќе дадат поддршка за предлогот на Левица.
„Утре дозволете… Да не биде тоа мој личен став, туку да биде во име на пратеничката група.“, рече Филипче.
Претходно, пратеничката Славјанка Петровска кажа дека социјалдемократите одлуките на координација ги носат со консензус.
„Мислам дека е повеќе од јасно, од прес-конференциите коишто ги одржавме, дека ќе бараме одговорност.“, изјави Петровска.
Став се уште нема ниту Движењето ЗНАМ. Од партијата на Максим Димитриевски, која остро реагираше на постапките на спикерот Гаши, велат дека ќе се состанат утре. Нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ очекуваат интерпелацијата да биде неуспешна.
„Координативното тело на ВЛЕН ја оценува интерпелацијата против претседателот на Собранието како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација. Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ.“, велат од ВЛЕН.
„Начинот на којшто тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и сето тоа што таму се случува, навистина претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник.“, рече Мицкоски.
Пратениците на Демократската унија за интеграција се очекува да го бојкотираат гласањето. Неофицијално, тие ќе се вклучат на почетокот на дискусијата за да го изразат незадоволството од работата на Гаши, но нема да учествуваат во интерпелација поднесена од Левица.

