Дваесет и деветгодишен жител на Гевгелија е лишен од слобода откако полициски службеници го затекнале како вози со 204 километри на час на автопатот А1, на делница каде што максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил откриен на 29 јули во 21:26 часот кај клучката Смоквица, при сообраќајна контрола што ја спровеле полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија.
Возачот, Ж.Д. (29) од Гевгелија, управувал патничко возило „БМВ“ со гевгелиски регистарски ознаки, а неговата брзина била измерена со радар.
По констатираниот прекршок, тој бил исклучен од сообраќај и лишен од слобода, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.
По целосното документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.