Сите вработени во јавниот и приватниот сектор годинава ќе добијат регрес за годишен одмор, познат како К-15, согласно законските одредби. Над 84 илјади вработени во администрацијата ќе добијат по 11.000 денари, додека за вработените во приватниот сектор, К-15 ќе изнесува околу 16.800 денари, што претставува 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци. Исплатата на регресот за годишен одмор треба да се изврши најдоцна до крајот на годината, а законскиот рок за почеток на исплатата е од мај.
Услови за исплата на К-15
Клучен услов за исплата на К-15 е работникот да има најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај ист работодавец во тековната календарска година. Ова право го имаат и работниците што ја смениле работата, доколку претходно работеле непрекинато шест месеци кај истиот работодавец.Казни за прекршување на законот
Работодавците што нема да исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени се соочуваат со високи казни. Законот предвидува парични казни до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се однесуваат на компанијата, а од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. Со оваа мерка се очекува да се зајакнат правата на работниците и да се осигура исплатата на регресот, кој е значаен за финансиската сигурност на вработените во Македонија.