Од синдикалната организација на јавните обвинителства при Синдикатот на УПОЗ алармирааат дека вработените во Јавното обвинителство не ја добиле платата за септември и дека нивните платите се исплаќаат со задоцнување, надминувајќи го законски утврденото време до 15-ти во месецот.
„По доаѓањето на новата власт за јавнообвинителските службеници се исплаќаат додатоците на плата во износ од 20 отсто. Исплатата на платите за сите вработени – јавните обвинители и службата – не оди без проблеми. Според информациите со кои располагаме тешко се добива одобрувањето од Министерство за финансии за пренамена на парите, за да може да се земат додатоците на плата, што прави да се одолговлекува исплатата на платата“, објави синдикатот на Фејсбук-страницата на УПОЗ.
Од таму додаваат дека се свесни за руинираниот буџет, но не бараат повеќе од законскиот минимум. Службениците извршуваат задачи за повеќе лица поради недостаток на вработени, и бараат да се цени нивниот труд.
„Сакаме да ја запознаеме јавноста дека функционерите (обвинителите) и службениците воопшто не се исти. Службениците во обвинителствата ги извршуваат своите работни задачи чесно, ефективно и ефикасно, иако еден службеник извршува работни задачи за тројца или четворица, поради недостатокот на вработени. Ние како јавнообвинителски службеници не се мешаме во политиките на Владата, само бараме да се цени трудот на оние кои што си ја вршат работата ревносно и професионално и да не се дозволи да трпат сите оние кои што за ништо не се виновни ниту за довербата, ниту пак за функционирањето на обвинителството“ велат од синдикатот.
Просечната плата во јавнообвинителската служба изнесува 28.000 денари велат тие и додаваат дека платата за јуни е исплатена на 16 јули, за јули на 8 август, а за август на 18 септември, по донесувањето на ребалансот на буџетот.