Почнаа да се расипуваат и новите еколошки автобуси на МАН кои беа набавени пред четири години. На автобус на линијата број 5, расипана му е предната врата и таа не се отвара. На стаклото на автобусот возачот засепил лист хартија на кој пишува ‘не работи вратата‘.
Еколошките автобуси на гас од гермаскиот производител МАН беа набавени во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Купени беа 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 85 патници и 12 зглобни за 149 патници. Според постигната цена на тендерот еден единечен автобус чинеше 263.000 евра, а зглобните по 334.000 евра. Набавката на новите еколошки автобуси чинеше 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кој го исплаќа ЈСП.
Актуелната градоначалничка Данела Арсовска во својата изборна кампања ветуваше дека ќе купи 250 еколошки автобуси. После две години од нејзиниот мандат автобуси не се купени ниту е почната постапката. Советот на Град Скопје не прифаќа задолжување за 10 милиони евра за купување нови автобуси затоа што на Градот му стојат на располагање 70 милиони евра од ЕБОР за реализација на автобуското метро или Бас рапит транзит системот.