Македонија

ВИДЕО Вукашин и Ана лавовски се изборија со ракот и заѕвонија на ѕвончето на Детска клиника!

ВИДЕО Вукашин и Ана лавовски се изборија со ракот и заѕвонија на ѕвончето на Детска клиника!

Денес, вистински херои се малите борци Вукашин и Ана, кои со несопирлива храброст ја победија болеста и го заѕвонеа ѕвончето на Детската клиника.

На Фејсбук профилот на Бранка Столиќ се споделени емотивни фотографии и видеа снимени вчера (25.12) на Детската клиника во Скопје.

Нејзиниот син Вукашин, заедно со својата пријателка Ана, го заѕвонија ѕвончето во клиниката – симбол на успешно завршената борба против ракот.


Во трогателна објава, Бранка напиша:

„Господе, слава ти! Ова е ГОЛЕМ ден за нас – ѕвоното на Детската клиника денес ѕвонеше два пати, најсилно и најрадосно. Нашите суперхерои, Вукашин и Ана, се изборија лавовски, покажувајќи храброст и достоинство низ целиот процес. Од срце им благодариме на целиот медицински персонал од Одделението за онкологија и хематологија – вистински ангели со големи срца. Благодарност и до сите наши роднини, пријатели, колеги и сите кои со своите молитви и поддршка ни беа голема сила. Денес е ден на бурни емоции, солзи радосници, насмевки и најгласен аплауз. Нека секое дете кое се бори со оваа состојба излезе како победник и го заѕвони ѕвончето најсилно! Нека сите дечиња во светот бидат здрави и живи. Денес, ние сме победници и нашето сонце повторно свети. Слава ти, Господе!“

Овие моменти полни со надеж и радост се потсетник за силата на храброста и љубовта.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни