И покрај долгогодишните кампањи за легализација, бројните законски измени и најавите за засилени инспекциски контроли, нелегалното градење во Македонија не запира. Напротив, најновите податоци покажуваат дека дивоградбите и натаму никнуваат со забрзано темпо, додека институциите тешко успеваат да го спроведат законот на терен.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во текот на минатата година во земјата биле евидентирани 911 нови бесправно изградени објекти. Тоа значи дека во просек секој ден се појавувале по две до три нови дивоградби.
Најголем дел од нелегално изградените објекти се наменети за домување или како помошни објекти. Од вкупниот број, дури 96,1 проценти се во приватна сопственост, што укажува дека проблемот најчесто го создаваат физички лица и приватни инвеститори.
Статистиката покажува дека во текот на минатата година биле изградени 169 објекти за домување, од кои 128 се станбени куќи, 24 претежно станбени објекти и 17 викендички и објекти за одмор. Покрај нив, регистрирани се и 164 огради, 116 деловни објекти, 113 настрешници, 110 доградби и надградби, 106 помошни објекти и 79 гаражи.
Еден од најголемите предизвици и понатаму останува Охридскиот регион, каде што дивоградбите со години се една од најчувствителните теми поради заштитата на природното и културното наследство. И покрај бројните најави за расчистување на состојбата, реализацијата на решенијата за уривање речиси и да не постои.
Ревизорскиот извештај објавен во јануари годинава откри сериозни слабости во постапувањето на институциите. Во него се наведува дека се евидентирани 4.847 дивоградби, а иако биле донесени 456 правосилни решенија за нивно уривање, ниту едно не било спроведено.
Дополнително, ревизорите утврдиле дека Советот донел 1.748 одлуки за изработка на урбанистичка документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, но и по пет години од нивното донесување нема конкретни активности. За ист број објекти биле издадени решенија за одбивање на легализацијата, но без понатамошни мерки за нивно отстранување.
По долг период без конкретни активности, деновиве Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најави присилно административно уривање на дивоградба во старото градско јадро на Охрид, откако сопственикот не постапил по претходно донесеното решение за отстранување. Останува да се види дали ова ќе биде почеток на поодлучна примена на законите или ќе остане изолиран случај.
Податоците повторно го отвораат прашањето дали досегашните политики за легализација го решија проблемот или, напротив, создадоа впечаток дека бесправното градење на крајот ќе биде толерирано. Во меѓувреме, бројот на нови дивоградби продолжува да расте, а институциите се соочуваат со сè поголем предизвик да воспостават ред во урбанистичкото планирање и да обезбедат еднаква примена на законите за сите.