Македонија изгубила еден од арбитражните спорови кои се водеа против државата. Според ијзвата на премиерот Христијан Мицкоски дадена вчера станува збор за спор во кој што штетата која што државата ќе треба да ја исплати кон компанијата која тужела е 450 милиони евра.
Мицкоски не откри за кој спор станува збор. Неофицијално, станува збор за постапката која што против државва ја поведе британско – украинскиот конзорциум „Сардич3 откако Владата на премиерот Зоран Заев во 2018 година одлучи еднострано да го раскине концесискиот договор со компанијата за рудникот „Казандол“ кај Валандово.
Од претходно објавените информации и извештајот на Државниот завод за ревизија објавен лани познато е дека против државата се водат вкупно пет арбитражни постапки чиј вкупен износ на штета би можел да надмине и 1,3 милијарди евра.
Заводот во својот последен извештај констатираше дека актуелните судски спорови во коишто е тужена државата би имале финансиски импликации врз буџетот во наредните неколку години.
Освен постоечките пет арбитражни постапки кои се водат против државата во надлежните судови ширум светот, против Македонија се заканува и нова тужба од над една милијарда евра.