Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ – Скопје најави сложена оперативна интервенција за санација на главниот градски водоводен цевковод Ф-1600 мм. Работите ќе започнат на 21 декември 2024 година и ќе траат до завршување на интервенцијата.
Санацијата опфаќа поправка на затварачот Ф-700 мм на улицата „Никола Парапунов“, кој предизвика излевање, како и уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Никола Парапунов“.
Затворањето на вода е неопходно за санација на овие дефекти, а ќе биде извршено на затварачот Ф-1600, кој се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров. Ова е прво затворање на главниот цевковод по повеќе од 30 години – последното било извршено во 1991/1992 година за водоводниот приклучок на бунарското подрачје Лепенец.
Според информациите, санацијата ќе овозможи:
- Намалување на загубата на вода предизвикана од протекување.
- Ревитализација на делот од Ѓорче Петров до Карпош.
- Подобрување на притисокот и трајноста на водоводната мрежа.
Системски промени за подобра контрола на загубите
Санацијата е дел од стратегијата на претпријатието за намалување на загубите на вода во системот. Воведувањето на зони за контрола на загубите ќе овозможи побрзо решавање на идни дефекти и ефикасно управување со водоводната мрежа.
Оперативниот план е дизајниран за максимална ефикасност, со цел овој важен инфраструктурен зафат да се реализира во најкраток можен рок. Граѓаните се повикуваат на трпение и разбирање за времетраењето на интервенцијата.