Во напорите за справување со пожарот што беснее помеѓу селата Блаце и Чучер-Сандево, денеска во акцијата за гаснење се вклучи и авион Ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Ова е прв лет на Ер тракторот оваа година, а на терен е и полициски хеликоптер Agusta-Bell AB-212AM.
Пожарот, кој зафати мешана шума и ниска вегетација, се шири на непристапен ридско-планински терен, што значително ја отежнува интервенцијата од земја. Дел од пожарот е веќе изгаснат, но останува активен крак кој и понатаму напредува, заканувајќи се да опфати уште поголема површина.
Воздушните сили се од клучно значење во тековната фаза на интервенцијата, бидејќи овозможуваат дејствување во зони до кои наземните екипи немаат пристап. Акцијата продолжува со засилен интензитет, а на терен се ангажирани и екипи од Противпожарната единица и Шумската полиција.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да не се приближуваат до пожарот и да ги почитуваат сите насоки и предупредувања.
Се вложуваат максимални напори за ситуацијата да се стави под целосна контрола.