Заемот од Унгарија доби зелено светло, само еден опозиционер беше присутен на комисиската седница

Законот за заемот од Унгарија го помина филтерот во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Се очекува тој да биде изгласан на пленарна седница во вторник, по што ќе почнат процедурите за потпишување на договорот меѓу Скопје и Будимпешта. Заменикот министер за финансии, Николче Јанкуловски во Комисијата појасни дека постои провизија за неповлечени средства што ќе се платат на унгарската банка, но во случајов, како што додава, нема да се изгубат големи пари.

„И да има некоја провизија, таа ќе биде минимална, бидејќи ако има одолговлекување ќе е само од неколку денови – од моментот од објава во Службен весник па до потпишување на договорот со Унгарската банка и нашата министерка.“, рече Јанкуловски.

Со седницата претседаваше пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, назначен од спикерот Африм Гаши. Ваквиот потег следува откако претседателката на Комисијата од редовите на СДСМ, Сања Лукаревска не сакаше да ја закаже седницата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова било изнудено решение со кое пропаднал обидот на СДСМ да се блокира заемот. Расправа немаше. Пратениците од СДСМ кои го критикуваа заемот не присуствуваа, а единствен опозиционер во салата беше пратеникот од ДУИ, Муса Џафери.

„На секого во Собранието му е дозволено, согласно Деловникот, доколку сака и доколку има забелешки, да ги искористи инструментите и тие аргументи денеска да ги судри со аргументите на оној другиот, за којшто вели дека не е во право. Венко Филипче вчера вели „на челото ќе си напишат дека имаат корупција“, а замислете го кажува тоа тој на чие чело е напишано провизија.“, рече Стојаноски.

Од СДСМ нема одговор зошто решија да не се вклучат во расправата со амандмани за законското решение, кое претходно беше остро критикувано од партискиот претседател. Филипче кажа дека заемот ја носи државата во должничко и политичко заложништво на Унгарија.

„Кога не постои јасно утврден систем за конторла на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во Законот, кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени, за СДСМ е недзволиво и крајно неодговорно да се носи овој закон по скратена постапка.“, изјави Филипче.

Од опозициската партија настојуваа законот да се усвои во редовна постапка, а од власта истакнаа дека е парадоксално СДСМ да го критикува заемот, а општини што тие ги предводат да се пријават на повикот за грантови овозможени со унгарските пари.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното