Претседателот на владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими во посета директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, кој, заедно со амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, и со други претставници на мисијата во Скопје, учествуваа на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија.
За Република Македонија, 2018 година беше година од историско значење, за конечно решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со Договорот од Преспа, и со ратификацијата во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ, истакна премиерот.
„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку по независно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“.
Претседателот на Владата на РМ, Заев потоа информираше дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.