Свет

Закон во Шпанија предвидува платено отсуство за менструални болки

Закон во Шпанија предвидува платено отсуство за менструални болки

Шпанскиот Конгрес на пратеници (долниот дом на шпанскиот парламент) усвои закон за сексуално и репродуктивно здравје со кој на девојчињата на возраст од 16 и 17 години ќе им се овозможи да абортираат без согласност од родителите, објави Ројтерс.

Законот, исто така, ја прави Шпанија првата европска земја која обезбеди платено отсуство за жените кои страдаат од менструални болки.

„Со овие стимулативни мерки, ќе можеме да ја искористиме слободата над нашите тела и да постигнеме целосно признавање на правата на половина од населението во земјата“, рече шпанската министерка за еднаквост Ирене Монтеро пред пратениците. Законот беше усвоен со 190 гласа „за“, 154 „за“ и пет воздржани.

Левичарската коалициска влада го поднесе предлог-законот во мај за да обезбеди пристап до абортус и да ја отстрани стигмата околу менструалното здравје. Нормативниот акт го оспоруваат Католичката црква и активистите против абортусот во земјата.

Новиот закон го отстранува задолжителниот тридневен период на „размислување“ за жените кои сакаат да ја прекинат бременоста, како и условот за согласност од родител или старател пред абортусот за шеснаесет и седумнаесетгодишници. Овој услов беше воведен во 2015 година од тогашната владејачка конзервативна Народна партија.

Усвоената законска регулатива предвидува платено отсуство за бремени жени по 39-та недела и бесплатни санитарни и медицински производи за менструација за јавните институции како училишта, затвори и медицински центри. Со неговото усвојување, сурогат мајчинството, кое е забрането во Шпанија, ќе се смета и за облик на насилство врз жените.

Лурд Мендес од екстремно десничарската партија Вокс рече дека прогласувањето на абортусот за човеково право го прекршува уставот и го превртува системот на вредности на Шпанија наопаку.

Соња Ламас, портпаролка на клиниката за женско здравје Датор, во мај изјави за Ројтерс дека ги поздравуваат мерките. Таканаречениот период на размислување е непотребен бидејќи „жените прават информиран избор и не треба да размислуваме за одлуката што веќе сме ја донеле“, додаде таа. Пред зградата на клиниката редовно се одржуваат протести и групни молитви. Ламас ги опиша кампањите на активистите против абортусот „кои разговараат со жени во чекалниците на лиценцираните клиники кои би требало да бидат безбедна зона“.

Законот усвоен во Долниот дом мора да биде одобрен и од шпанскиот Сенат (горниот дом на парламентот).

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни